Максим Илковски награден за Најдобра Кратка Комедија во Варшава
VIP 

На 17-ти јули, Максим објави дека бил известен од „TopShot International Film Festival“ за наградата за Најдобра Комедија и Најдобар Краток филм уште на 13-ти ноември 2023 година, и дека ја исчекувал соодветната можност за да ја сподели убавата вест. Делото исто така влезе во официјална селекција за: Најдобра Оригинална Музика, Најдобра Костимографија и најдобра ТВ серија, на фестивалите како што се Art Giraffe (Ница, Франција) и Winter Leopard (Стокхолм, Шведска). Автор на музиката е Горан Трајкоски.

Краткиот филм е всушност епизода од серијалот „Македонски Народни Приказни“, во продукција на Алфа Телевизија. Додека Максим беше режисер за серијата, тој паралелно го работеше и својот магистерски труд, за кој беше потребно и прилог од практична работа. Оттука, Максим ја развива идеата за специјалната епизода и ја подготвува со месеци, наспроти останатите епизоди кои се продуцираа со рапидно темпо. 

За серијалот Максим имаше адаптирано бројни сценарија, додека за ова дело целосно ја презема заслугата како автор. Карактеристично е за Максим да зазема улога во бројни области кога се во прашање неговите проекти. 

Забележителен пример е „Кажи ми дека сме за стварно“, студентскиот филм на Максим снимен во 2020-та година, кој дури во 2023 година беше прв пат примен на фестивал, што потоа проследи со три награди за Најдобар Студентски Филм, и една за Најдобар Романтичен Краток Филм. Филм што тој го продуцираше, напиша, режираше и монтираше. Три од наградите се од фестивали во Калкута, Индија, и една од Анталија, Турција.

(Максим дава воведен говор за „Кажи ми дека сме за стварно“ на филмскиот фестивал Астерфест 2023)

Љубовта кон филмското творење кај Максим е евидентна уште пред да запише Филмска и ТВ режија при Интернационалниот Универзитет „Еуропа Прима“ – Скопје. Имено, на натпреварот од МАССУМ во 2015 година, Максим беше награден прво место за Најдобар Краток Филм со делото: „Дефектните Патриоти“. Покрај ова, Максим од деветгодишна возраст создава разновидни забавни интернет видео клипови. 

Денес Максим своите вештини ги користи и надоградува во ТВ Алфа работејќи во режијата (просторијата), и со ангажмани како продукциски координатор на поистакнатите проекти “Утре Утро“ (моментално во фаза на монтажа) и „Бистра вода“ (2022), каде што исто така придонесуваше како втор асистент на режија. Максим исто така помага на пријатели со инпут во разновидни области на проекти и надвор од телевизијата. 

Она на кое што Максим се надева за неговиот нареден потфат, е да го сними неговиот следен краток филм (25 мин.) кој е веќе неколку години во подготовка, и кој треба да послужи како негово официјално режисерско деби, имајќи обѕир дека неговите досегашни дела се без буџет и не квалифуваат како дебитантски.

News Reporter
Advertisements