ЛОВ БЕЗ ГРАНИЦИ

Во рамките на Проектот: „Фото лов без граници-заедничи одржлив туристички производ прилагоден на природата во прекуграничниот регион Србија-Македонија“ кој го спроведува Ловечки сојуз на Србија, а во соработка со Здружение на ловци „Славишко поле- Ранковце, Ловечката Федерација на Македонија и Ловечко друштво „Голуб“ од Бујановац, се организира Промо тура во ловиштето Герман, Ранковце со посета на четири чеки, хранилишта и солишта за дивеч изградени во рамките на проектот. Во рамките на проектот е набавена опрема и фото стапици за лоцирање на дивечот во областа. Главната цел на оваа тура е промоција на природните ресурси како и претставување на туристичкиот потенцијал на општината Ранковце, преку фото-ловен туризам. Развојот на одржливиот туризам прилагоден на природата претставува основа за долгорочно користење од страна на луѓето, дивите животни и природата во целост во регионот. Градење на капацитетите во прекуграничниот регион за управување со алтернативен туристички производ претставува почетен чекор за пласирање на нов заеднички производ на пазарот

Во промо турата ќе се вклучат бројни заинтересирани страни како ловечки здруженија, туристички организации, невладини организации, претставници на локална самоуправа, како и партнерски организации од Србија.


Оваа промо тура претставува идеална можност да се приклучите кон придонес кон туризмот и да се запознаете со природните богатства.
Една од целите на Проектот „Фото лов без граници“, е да се покаже зелената страна на ловот. Имено, ловот за луѓето кои се занимаваат со истиот претставува многу повеќе од самиот улов, а сите занимливости и убавините на природата кои се скриени од очите на јавноста може да обезбедат дополнителен приход и вон ловната сезона.
Тој дополнителен приход доаѓа од фото-сафари бидејќи за тоа не ви е потребна ловна сезона, не треба да имате дефинирана квота на дивеч што можете да го ловите. Целната група на ловци според конвенционалниот начин на лов е многу мала, но за фото-лов, секој што сака да дојде во природа е добредојден. Фото-лов е достапен за секого. За тоа не постојат старосни ограничувања, не е потребно да се поседува ловечка дозвола ниту да има положен ловечки испит ниту да поминува обука за ракување со огнено оружје, нешто што му е потребно на секој ловец.


Од тие причини, дојде идејата да се прошири ловниот туризам на поголема целна група и луѓе кои се љубители на природата, а кои сакале да поминат малку време надвор од градскиот метеж, да седат на специјализирани места-чеки и да чекаат лисица, можеби волк, јазовец, или било што друго да „улова“ со фото камера, а од друга страна има голема можност за зголемување на приходите на ловечкото друштво кое управува со даденото ловиште. На тој начин, и општините Ранковце и Крива Паланка и целиот пограничен регион ќе имаат бенефит. Активностите во исто време се реализираат и во пограничниот регион во Србија и во Северна Македонија со што се докажува дека природата навистина нема граници.
Една од целите е да се вклучи целокупното население, да се вклучат луѓе кои произведуваат мед, сирење, производи од волна, дрво, млеко, сапун, креми и било што што може да се понуди на пазарот. Воедно се вклучени и угостителите имајќи предвид дека туристите кои ќе доаѓаат во фото-лов ќе ги користат нивните услуги, ноќевање, јадење и слично.
Проектот е финансиран од страна на Европската унија.